Мојот сон, веќе подолго време, беше да си дадам отказ од работа и да почнам сопствен бизнис.

И неодамна тоа и го направив. Со парите што ги заработувам од еден бизнис ги плаќам трошоците за живот, а паралелно работам на градење на нов бизнис.

И морам да кажам дека е исто толку убаво колку што си го замислував. Се будам релаксиран, смирено одам по улица, си купувам кафе, цел ден работам на проекти кои сакам да ги работам и на крај одам да вежбам неколку часа. Без брзање, без стрес, без бесмислени проекти доделени од мојот менаџер. Секој ден ми е прекрасен и уживам во него.

Но, ова не ми успеа од првпат. Имам цела една збирка од пропаднати веб-страници и бизниси кои завршија во канта за ѓубре.

Кога ќе погледнам наназад, имаше неколку работи што ми помогнаа да испливам после сè. Но, ангажирањето на веб дизајнер никогаш не беше една од клучните работи за мојот успех. Грозните дизајни на веб-страниците не беа причината за неуспехот, ниту пак причината за давањето отказ од работата и градењето на сопствен бизнис.

Ќе зборувам отворено.

Додека стигнете до крајот на овој пост се надевам дека ќе ве убедам дека ангажирањето на веб дизајнер е губење на време и пари. Не само што постојат поевтини начини како да дојдете до веб-страница со одличен изглед (ќе ви ги покажам подолу) туку има толку многу други работи на кои треба да се фокусирате пред да размислувате за трендовскиот изглед на веб-страницата.

Причина #1: дизајнот на веб-страницата нема да ви помогне

По безброј пропаднати бизниси и веб-страници конечно научив како да си ги поставувам приоритетите.

Еве со што јас се опседнувам кога почнувам нов бизнис:

  • Дали имам неодолива понуда која ќе биде посакувана на конкретен пазара?
  • Дали можам точно да го дефинирам пазарот?
  • Дали има докажан процес на повторно враќање на клиентите?
  • Дали станува збор за привлечен бизнис модел со здрав паричен тек?
  • Дали предизвиците на оваа индустрија природно се поклопуваат со моите лични инстинкти?
  • Како да го намалам ризикот најмногу што можам?

Погодете што нема на списокот?

Дизајн на веб-страница.

Да не ме разберете погрешно, дизајнот на веб-страницата може да има значително влијание врз бизнисот. Но, таа можност доаѓа во подоцнежна фаза.

Ако немате доволно приливи за да плаќате кирија или кредити, тоа нема да се промени со ангажирање на веб дизајнер. И откако ќе го најмите повторно ќе продолжите да се борите со сметките. Единствената разлика е што заштедата ќе ви се намали за некоја „илјадарка“.

Јас со години користев личен блог за да привлекувам клиенти како консултант. Тоа исто така ми помогна да добијам неколку „зделки“ кои значително ми ја забрзаа кариерата. Дали некогаш платив дизајнер да ми го дизајнира блогот? Никогаш!

Најпрво, за 30 долари купив тема од Themeforest. Потоа платив за Thesis (рамка за WordPress) и за околу 200 долари со години користев од бесплатните теми. Неодамна купив Genesis (друга рамка за WordPress) за 60 долари и во моментов ја користам нивната едноставна тема.

Речиси цела една деценија не сум вложил повеќе од 200 долари во дизајнот на веб-страницата. Тоа не ме запре да добивам „тезги“ како говорник, да добивам одлични проекти, клиенти, работилници и да заработувам доволно приходи за да се издржувам себеси и да дадам отказ од работа за да почнам друг бизнис.

Пред да нарачам да ми се изработи веб-страница по мерка, би се осигурил дека имам одлична понуда за која клиентите се волни да платат, дека имам конкретен пазар, и знам како да се пласирам конзистентно на тој пазар. Сите пари што ќе ги потрошите на веб-страница пред да се осигурате дека сте ги постигнале горенаведениве работи, се фрлени пари.

На денешно време има многу евтини начини како дојдете до добар дизајн.

Причина #2: наместо да давате многу пари купете тема за 60 долари

Што од овие два чекори попрво би направиле во оваа фаза од вашиот бизнис?

  • Да најмите веб дизајнер за 10000 долари?
  • Да поминете неколку часа во барање на нова тема за 60 долари?

Прилично конзервативна процена е дека ќе потрошите 10000 долари на добра страница за која вреди дизајнерот да потроши дополнително време и труд.

За мене оваа одлука зависи од фазата во која се наоѓа бизнисот. За поголема веб-страница која заработува пари, има логика да се потрошат 10000 долари. Во таков случај веб-страницата бара многу работа, така што темата не го решава проблемот.

Но, кога почнувам нова веб-страница, со задоволство ќе употребам тема од 60 долари додека страницата не е доволно голема за да има оправданост поголемиот буџет.

Но, и за ова има „финта“.

За да купите тема, ќе мора вашата страница да ја изградите со алатка која дозволува да се инсталираат теми.

За блогови и едноставни веб-страници, WordPress е совршен и има огромна мрежа на теми. Тој располага со бесконечна листа на професионални теми од 30 до 60 долари. Нашите омилени веб хостови сите имаат инсталации за WordPress со само еден клик, а тоа ја прави оваа опција уште полесна. Откако сте го инсталирале WordPress, упатете се кон Themeforest и одберете си тема по ваша желба.

За онлајн продавница, Shopify овозможува многу опции за продавницата кои исто така ќе ви требаат покрај феноменалните теми. Голем дел од овие теми се бесплатни, некои чинат 180 долари. Ова е нашиот прв избор и препорака за алатка за онлајн продавница.

Ќе добиете веб-страница со одличен изглед за мал дел од парите кои би ги потрошиле за да ангажирате веб дизајнер.

Причина #3: користете ги овие трикови со логото

Секој добар дизајнер ќе ви наплати „еден тон“ пари за добро лого. За една голема корпорација на која од логото ѝ зависи идентитетот на брендот можеби ѝ вреди да даде толку пари за лого.

Но, кога јас почнував со бизнис или со нова веб-страница ни на крај памет не ми беше да трошам пари на лого. Секој долар ми беше важен за да го разработам бизнисот.

Сопствениците на онлајн бизниси имаат еден трик за тоа како да дојдат до добро лого по разумна цена.

Трикот е 99 Designs.

Ова е платформа преку која се поврзуваат дизајнерите со клиентите. И функционира на принцип на натпревар. Вие ги наведувате спецификите на дизајнот, многу дизајнери поднесуваат свои дизајни, вие го давате своето мислење за 3 до 5 дизајни кои најмногу ви се допаѓаат, а потоа го избирате победникот, односно оној кој најмногу ви се допаѓа.

Ова сум го користел многу пати низ годините и секогаш сум добивал одлично лого.

Многу е лесно за работа и ќе добиете одлично лого за 299 долари. Покрај парите за темата за веб-страницата ова се единствените пари што би требало да ги потрошите на почетокот.

А што ако 299 долари ви се многу? Дали има некој поевтин начин како да се дојде до лого?

Да, многу луѓе во последно време го користат Fiverr. Може да добиете лого и за 10 долари. Имајте предвид дека овие логоа ќе бидат изведени од нешто веќе познато и ќе бидат многу основни. Дизајнерот има готови шаблони за логоа и стилови кои ги користел во минатото. Ќе го земе името на вашата компанија и ќе постави во некој од стандардните логоа. Тоа е единствениот начни како да дојдете до лого од 10 долари. Доколку вам ви е во ред таквата опција, тогаш Fiverr топло го препорачувам.

Причина #4: нема слободни веб дизајнери

Кога раководев со тимови за оптимизација и зголемување на сообраќај на веб-страници, случајно наидов на добар дизајнер кој беше слободен и тоа за разумен надоместок. Погодете што направив следно!?

Го ангажирав со полно работно време и така тој не беше веќе слободен на пазарот!

Јас имав повеќе од доволно работа за да му давам и да биде постојано зафатен, а добар дизајнер е незаменлив за изработка на поголема веб-страница. Веднаш го вработив и му плаќав добра плата за да не треба да работи на дополнителни проекти по работното време кај мене.

И ова се случува постојано.

Искусните дизајнери си ја знаат вредноста и честопати се многу скапи. Помладите дизајнери кои се премногу евтини за талентот со кој располагаат, остануваат слободни многу кратко време. Или некој клиент ќе си ги вработи кај себе или пак тие ќе сфатат колку вредат и ќе ја зголемат цената. Независно, многу е тешко да се најде талентиран дизајнер, кој не е скап, а сака да работи за вас на развивање на новиот бизнис.

Последното нешто што би го направил е да платам многу пари во период кога почнувам со бизнис.

Причина #5: евтините дизајнери и така нема многу да дизајнираат

Не ми се верува дека ќе ви ја раскажам приказнава.

Пред многу години бев на почеток од кариерата, работев многу како фриленсер за онлајн маркетинг. Раководев со AdWords клиенти, правев оптимизација на конверзии, пишував авторски текстови, и креирав многу веб-страници. Најголем дел од работата ми се сведуваше на правење на веб-страници. На многу мали бизниси им требаа веб-страници и ме прашуваа дали можам да им помогнам. Секако кажував дека можам, зошто живеев во штала и ми требаше кеш.

Така се здружив со еден добар пријател кој беше front-end развивач на софтвер.

Но, тука наидовме на проблем: немавме никакви вештини за дизајнирање.

Јас пишував добри текстови, другарот можеше да направи што и да побарав од него, ама ни за жива глава не нè бидуваше за дизајн.

Клиентите ќе ме прашаа дали можам да им дизајнирам веб-страница, јас ќе кажев „да“, па потоа ќе купев тема од WordPress која ги исполнуваше 90% од нивните барања; потоа доволно ќе ја средевме за да личи уникатно.

Еве го делот што ќе ве ужасне.

Јас ќе платев околу 30 долари за тема од WordPress. А потоа на клиентот ќе му наплатев илјадници долари за веб-страницата. Никогаш не се чувствував лошо во врска со тоа, зашто ние ќе ја дотеравме веб-страницата, јас ќе напишев авторски текстови и сè ќе си беше на место. Но сепак, тоа се премногу екстра платени пари кои вие навистина не мора да ги потрошите.

Плус, ова беше во времето кога темите на WordPress не беа толку добри. Во тоа време можеше да познаеш дали станува збор за вистинска веб-страница или за тема. На денешно време, темите се толку добри, што кога јас сега би бил млад дизајнер по цел дел би „играл“ со темиве и би заработувал добра пара.

Што е поуката од приказната: кога ќе најдете евтин дизајнер, знајте дека тие ви наплаќаат за да најдат тема и да направат неколку основни промени.

Причина #6: дизајните на веб-страниците брз застаруваат

Ако најдете добар дизајнер кој ви наплаќа илјадници долари за веб-страницата, ќе бидете воодушевени од дизајнот.

Од прилика една година.

И тогаш ќе почне да застарува дизајнот.

Во втората и третата година, очајнички ќе сакате нов дизајн.

Трендовите во дизајнот толку брзо се менуваат, што дури и јас не успевам да ги следам сите. Толку брзо се менуваат што јас се помирив со фактот дека на моите веб-страници треба да им правам целосен „ремонт“ на секои 2-3 години. Наместо дизајнот на веб-страницата да биде инвестиција во иднината – фактички станува фиксен трошок.

Еден одличен дизајн изгледа одлично само доколку е подобар од дизајнот на другите веб-страници. Еден добар дизајн од пред 5 години не изгледа добро денес – напротив, лични прилично излитено.

Да кажеме дека сте купиле тема од WordPress за 60 долари. За 3 години можете повторно  да купите друга тема во WordPress за 60 долари што ќе изгледа посовремено. И така вие трошите по 20 долари годишно за да ја одржувате вашата страна да изгледа „во чекор со времето“.

Што ќе се случи доколку имате веб-страница изработена по мерка која личи многу професионално? Сте потрошиле 9000 долари за дизајнот (и ова е прилично конзервативна проценка), што би значело 3000 долари годишно. За многу мали бизниси ова е прилично голема цифра.

Една опција како да се справите со ваква ситуација е да користите една од новите платформи за дизајн со која би го добиле дизајнот за разумна цена. Тие се добра опција за да најдете веб дизајнер  за мал буџет.

Јас ангажирам веб дизајнер само кога можам да си дозволам да го плаќам со полно работно време

Ова е моето правило: почнувам да правам веб-страници со дизајн по мерка само кога имам доволно пари да вработам дизајнер со полно работно време. Можеби ќе изберам агенција за веб дизајн или фриленсер доколку не можам да понудам доволно постојана работа за некој да работи со цело работно време, но сепак, бизнисот би требало да ми биде доволно голем за да можам да си ангажирам дизајнер со полно работно време. Во спротивно се држам до готови шаблони и мали проекти за дизајн.

 

Извор

Веб ДизајнХостинг